Интервју со Јове Смилевски, Претседател на синдикалната организација на АД ЕЛЕМ

1. Основната функција на Синдикатот на АД ЕЛЕМ е заштита на правата гарантирани со законот за работни односи и со колективниот договор на своите членови во компанијата. Каква е вашата оценка за досегашните напори на синдикатот во насока на обезбедување на соодветни услови на секое работно место во компанијата?

– Во таа насока, нашите заложби се насочени кон постојано зголемување на правата на работници и обезбедување на максимално добри услови за работа. Еден од приоритетите на синдикатот е преку социјалниот дијалог кој во континуитет се води со менаџментот на компанијата, да обезбеди зголемување на платите на работниците, какво што имавме пред две години за првпат после повеќе од 10 години. Платите во АД ЕСМ стагнираа подолг период и среќен сум и задоволен што нашите барања наидоа на разбирање на раководството на компанијата и со покачувањето на платите на вработените во АД ЕСМ извојувавме една заедничка победа. Понатаму, постојано работиме на унапредување на безбедноста и здравјето при работа на нашите членови бидејќи, како што е веќе познато на јавноста, во нашата компанија има работни места кои се многу специфични – во рудници, во машински сали или на погонски станици, кои бараат соодветни услови за работа. Затоа, Синдикалната организација на АД  ЕЛЕМ постојано е во контакт преку своите синдикални подружници со секоја од единиците на компанијата и согласно потребите на работниците, барањата ги презентира пред менаџментот и ги решава потребите и проблемите. Уште еден многу важен аспект од делувањето на нашиот синдикат последниов период кој сакам да го истакнам е поврзан со транзицијата на нашата компанија кон производство на електрична енергија од обновливи извори. Синдикатот на АД ЕЛЕМ постојано е во разговори со менаџментот на компанијата и заеднички ги дефинираме чекорите кои се однесуваат на правата на работниците.    

2. Менаџментот на АД ЕСМ и Синдикалната организација во компанијата неодамна потпишаа нов колективен договор со кој се подобруваат условите за работа. Во кои области ова ќе придонесе за унапредување на правата на вработените?

– Синдикалната организација на АД ЕЛЕМ и менаџментот на компанијата на секои две години имаат обврска да потпишат нов колективен договор, односно да го продолжат постоечкиот, со евентуални измени кои се во насока на зголемување на правата на работниците. Колективниот договор што го потпишавме со генералниот директор и претседател на Управниот одбор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски е трет во период од четири години. Колективни договори со менаџментот на АД ЕСМ потпишавме и во 2018 година и во 2020 година и секој од тие договори бил подобар од претходниот, односно дополнително ги унапредувал правата на работниците. Во преговорите за новиот колективен договор што го потпишавме во април годинава поддршка имавме и од Сојузот на синдикати на Македонија, како и од нашиот гранков синдикат СИЕР, односно Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство. Новиот колективен договор е усогласен со законските измени за минималната плата во државата, утврдена е исплата на два додатоци за работа во недела, како и дополнителни исплати за вработените во случаи на работни обврски надвор од утврдените со работното место, особено за работа во стручни комисии за инвестициски и други проекти. Во новиот колективен договор предвидени се и повеќе можности за соодветно вреднување на трудот и залагањето на секој поединец кој ги извршува своите работни задачи совесно и одговорно. Освен овие финансиски импликации кои се најчесто најважни за работниците, исто така важно е да се спомене дека една од целите на колективниот договор е да даде позитивен ефект врз колективната атмосфера во друштвото. Сметам дека со потпишувањето на новиот колективен договор ја испраќаме токму таа порака дека социјалниот дијалог дава резултати и дека резултат може да се очекува кога преговорите со менаџментот на компанијата се водат врз база на почитување на ставовите на другата страна.

3. Новиот колективен договор предвидува и унапредување на можноста за оспособување и стручно усовршување на вработените. Какви перспективи за напредување на вработените ќе отвори овој договор?

– Освен придобивките што ги споменав, новиот колективен договор на АД ЕСМ ги следи современите трендови во сите подрачја на работењето. Така, имаме унапредување на родовата еднаквост во однос на одредени прашања поврзани со солидарната помош, потоа олеснување на можноста за изведување на ученичка и студентска практична работа во електраните на АД ЕСМ. Свесни за состојбата во која се наоѓаме и обврската да ја следиме националната стратегија за развој на енергетскиот сектор во земјава, во колективниот договор унапредена е можноста за оспособување и стручно усовршување на вработените особено во профили кои во иднина ќе бидат повеќе потребни во производниот процес, односно кадри за работа во капацитети од обновливи извори на енергија. Сите предвидени мерки и активности се во насока на стабилни и безбедни работни места, како и спокојно работно опкружување за нашите работници и членови.

4. Колку лидерската улога на синдикатот е важна во тој перманентен процес на обезбедување на подобри услови за работа на секое работно место со вистинско вреднување на трудот и залагањето на секој поединец кој ги извршува своите работни задачи совесно и одговорно?

– Синдикатот по самата своја природа е предопреден да биде носител на позитивни промени во општеството. На крајот, сите сме во некаква работна улога на своите работни места само определен број на часови во денот. Во останатиот дел сме со своите семејства, пријатели, активно придонесува во определени области од општественото живеење, а начинот на нашето однесување во овој поширок амбиент во голема мера зависи од задоволството на нашето работно место. Оттука, сметам дека е многу важно синдикатот постојано да биде во дослух со потребите на работниците, навремено да ги превенира евентуалните несакани последици по работникот и секогаш да обезбедува повеќе права за своите членови. Во овие современи услови во кои егзистираме, секогаш и за се сме обврзани на дијалог за да се договорат одредени поместувања во позитивна насока или да се надминат некои несогласувања или недоразбирања со работодавецот. Затоа, колку што е важна бескомпромисната желба на синдикатот за доброто на работниците, толку е важно отспротива да имате соговорник со кој може да се договорите.

5. Како е организирана синдикалната организација и колку членови ги остваруваат своите права преку неа?

– Синдикалната организација на АД ЕЛЕМ е една од најголемите по број на членови во државата. Во неа членуваат околу 4.700 вработени во Државните електрани, од сите подружници на компанијата. Со самото тоа, структурата на синдикатот е многу разнолика – во него членуваат и административци, и рудари, и инженери, односно наши колеги кои извршуваат работни задачи на различни позиции во компанијата и сите имаат различни потреби. Навистина треба голема умешност да се синхронизираат сите барања и потреби на вработените, мора да им се посвети внимание на секого од работниците за да бидат задоволни од условите на своите работни места и со тоа да го дадат својот максимум во работата. Не за џабе се вели дека само задоволен работник може да биде продуктивен работник. Со синдикатот раководи претседателот на кој му помага Претседателство во кое членуваат претставниците на синдикалните подружници на ЕСМ. Одлуките се носат на состаноци на Претседателството, а во предвид се земаат мислењата, потребите, побарувањата на вработените во сите подружници на АД ЕСМ, со што синдикатот обезбедува најширок можен пленум во кој се разговара за унапредување и подобрување на условите на работа на работниците.

6. На кој начин се одвива комуникацијата со членството во однос на обезбедувањето на правна помош за членовите на синдикатот? На кој начин работниците можат да комуницираат и да добијат консултација со синдикалната организација?

– Во ова време на масовни комуникации сите наши членови имаат можност да изберат како и на кој начин ќе стапат во контакт со синдикатот. Преку електронска пошта, телефонско јавување или лично на средба или состанок, тоа е избор на членот. Најважно е што секој од нашите членови може во секое време да не најде, да праша, да се пожали за нешто и може да биде сигурен дека неговиот глас ќе биде слушнат и пренесен на органите на одлучување во синдикатот.

7. Каква е улогата на синдидатот на полето на општествената одговорност?

– Синдикалната организација на АД ЕЛЕМ е организација на вработените во една од најважните гранки во државата – производството на електрична енергија. Со самото тоа, ние претставуваме и голем број на луѓе и семејства, но и имаме обврска кон нив и пошироката заедница да помогнеме секогаш кога можеме и каде што можеме. До нас стигнуваат најразлични барања за помош или поддршка : на поединци, спортски клубови, здруженија, организации, институции. И АД ЕСМ и ние како синдикат немаме дилема дека треба да бидеме општествено одговорни кон околината. Помагаме многу и ќе помагаме и понатаму бидејќи сите сме одговорни за доброто не само на нашите вработените, туку и за пошироката околина во која работиме и живееме.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *